Во понеделник екипите на ЕВН ќе работат во Арачиново – Бектеши: Немало напади врз ЕВН, директорот демантира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

80 отсто се загубите на струја во општина Арачиново, изјави министерот Крешник Бектеши, по средбата што ја имаше таму со претставници на ЕВН, градоначалникот на општината и жителите на Арачиново. Бектеши рече дека кражбата на струја и дивото приклучување на мрежата е кривично дело, но за тоа не се виновни само жителите, туку и институциите и целиот систем. Во меѓувреме,тој информира дека од понеделник екипите на ЕВН ќе можат да оперираат во Арачиново

„Надлежните институции, Владата, вклучително и ЕВН, ќе преземат мерки за намалување на овие загуби во сите општини, а токму во соработка со жителите се договоривме од понеделник екипи на ЕВН да можат да дејствуваат и во општина Арачиново и сигурно таму нема да недостасува централна или локална помош“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

И покрај тоа што ЕВН цело време се жалеше дека не можат да дејствуваат во Арачиново затоа што се напаѓани од жители, Бектеши рече дека такво нешто никогаш не било пријавено во полиција.

„Врз основа на разговорите што ги имавме денеска со жителите на Арачиново, повеќе од убеден сум дека никој не ги напаѓа екипите на ЕВН и од понеделник екипите на ЕВН можат слободно да си ја вршат работата“, додаде Бектеши.

Но, управителот на компанијата „Електродистрибуција“, Сашо Салтировски, вели дека имало напади, но она што е важно е опремата, техниката и броилата што се поставени да не бидат оштетени од жителите.

Жителите на Арачиново на средбата со претставниците на ЕВН се договорија да има редовна наплата на струјата. Бектеши рече дека загубите на електрична енергија на национално ниво се следни, во град Скопје во 2021 година се 19%, општина Куманово 16%, општина Кичево 12%, Гостивар 18% итн.