Во пресрет на интерпелациите – никој нема намера да си поднесе оставка, Мицкоски ќе го чека исходот од седницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во вторник, денот кога е закажана собраниската седница за интерпелациите на петте членови на Судскиот совет, во исто време Дамева, Црвенковска, Чачарова Илиевска, Мустафа и Адеми ќе бидат на седницата на Советот. Дали со ова покажуваат дека нема да ги почитуваат одлуките на пратениците, со оглед на тоа што во изјавите што досега ги имаа дадено голем дел од нив рекоа дека и да им биде изгласана интерпелација тие нема да си поднесат оставка. Премиерот Мицкоски не сакаше да коментира рече прво ќе чека да се изјаснат пратениците.

„Тие нека си ја тераат својата работа, парламентот си има своја работа, јас би ги одвоил тие две работи тие две активности. Не би сакал да коментирам дали тоа би значело почитување или непочитување на одлука на парламентот. Да почекаме да се изјаснат пратениците па дури потоа можеме да коментираме.“, рече Мицкоски.

Ниту јавниот обвинител Љупчо Коцевски нема намера да си поднесе оставка. Тој вчера изјави дека не гледа причина за негово разрешување бидејќи воопшто нема дисциплинска повреда и ги отфрли сите наводи во владиниот предлог за негово отповикување. Но со ваквиот став не се согласува премиерот Мицкоски.

„Коцевски си има право на свое мислење, ова е демократска земја и тој го кажал своето мислење. Околу неговата работа досегашна претпоставувам ќе имаат што да кажат тие што го бирале а тоа се пратениците. Така што да почекаме да дојде предметот пред пратениците па дури потоа можеме да коментираме што е тоа што ќе се разговара и ќе се дебатира и кои се тие аргументи со кои што практично ќе се оспорува или демантира изјавата или ставот на Коцевски.“, рече Мицкоски.

Опозицијата на иницијативите за разрешувања на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието, но и на државниот јавен обвинител велат дека со ова се прави груба партизација на судството и обвинителството и удар врз демократијата.