Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на настанот за пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко Поле“ во општина Ранковце. Станува збор за модерен систем за наводнување земјоделските површини, со што се обезбедува оддржливо производство за земјоделците од регионот.
Премиерот Ковачевски ѝ се заблагодари на делегацијата на Европската Унија за финансиската поддршка во вредност од близу 1,8 милиони евра, како дел од проектот на ИПА за изградба на мали системи за наводнување во повеќе региони во државата, чија вкупна вредност изнесува околу 10 милиони евра.
Тој истакна дека системот ќе придонесе за рационално користење на водата од Крива Река, со што се обезбедува достапна вода за наводнување на земјоделските посеви во текот на целата година.
Премиерот додаде дека на овој начин за првпат е донесен „Национален план за производство на храна“ кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза и планот веќе се реализира. Како што објасни, предвидените мерки ќе придонесат и за зголемување на домашното производство на пченица за околу 30 илјади тони.
