Косовската полиција соопшти дека во рациите спроведени вчера во два објекта на српски паралелни структури во Лепосавиќ, северно Косово – во банка и во филијала на Министерството за финансии на Србија – се запленети околу шест милиони српски динари, како и десетици илјади долари и евра.
Според извештајот на полицијата за последните 24 часа, случајот, опишан како „перење пари и злоупотреба на економски овластувања“, вклучува и запленување на печати и документи кои, според полицијата, го потврдуваат незаконското работење на овие институции.
„На 12.09.2024 година, полициски единици извршија проверки на две локации, под сомнение дека финансиските институции извршиле наведени дела. За време на рацијата, запленети беа: 5.772.313 српски динари, 57.626 американски долари, 10.835 евра, 2.790 швајцарски франци, две куќишта за компјутери и два ДВР на безбедносни камери. Запленети се и повеќе печати и разни документи кои го потврдуваат незаконското работење на овие институции“, се наведува во полицискиот извештај.
Во извештајот се додава дека сите дејствија се извршени во консултација и координација со државниот обвинител.
Рацијата ја потврди и заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Ељшани.
