Американската армија ќе се повлече од Ирак до крајот на септември, соопштија американски и ирачки официјални лица. Овој потег доаѓа по 23-годишно воено присуство, кое започна со операцијата во 2003 година против режимот на Садам Хусеин, а подоцна продолжи со помали операции против групата Исламска држава.
Американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со ирачкиот премиер Али ал-Заиди во Белата куќа, изјави дека „повеќе не сметаат дека е потребно американската армија да биде таму“.
„Нашиот однос е силен и повеќе нема потреба од војска. Ние сме таму за да им помогнеме. Таму сме за да ги заштитиме доколку има потреба. Но, не мислиме дека тоа ќе биде неопходно“, изјави Трамп.
Ирачкиот премиер Ал-Заиди нагласи дека „американските сили ќе бидат надвор од Ирак до 30 септември“, додека „американските компании ќе останат во Ирак“, пренесе АП.
Пентагон во своето соопштение ја потврди договорената спогодба од 2024 година со Ирак за завршување на мисијата против борците на Исламската држава. Поголемиот дел од американските војници кои сè уште биле распоредени во моментот на постигнувањето на договорот, веќе се повлечени.
Соединетите Американски Држави во изминатиот период се обидуваа товарот од борбата против Исламската држава во Ирак постепено да го префрлат од американските сили на ирачките единици обучени од американската армија.
САД влегоа во Ирак во март 2003 година со воздушна кампања со бомбардирања, по што следеше распоредување на американските копнени сили кои пристигнаа во Багдад. Инвазијата беше заснована врз тврдења дека Садам Хусеин поседувал скриено оружје за масовно уништување, но подоцна се покажа дека тие тврдења биле неточни. Такво оружје никогаш не беше пронајдено.
