Да сопре дискриминацијата врз ЛГБТ заедницата, со говорот на омраза и насилството од омраза, беше главната порака на втората Парада на гордоста, која се оддржа во Скопје. Велат дека, освен застапување на правните промени, треба да се работи и на промена на правниот статус на ЛГБТ заедницата.
„Ние работиме и на промена на социјалниот статус на ЛГБТ заедницата, а парадата на гордоста е една од најдобрите алатки а тоа се покажува еве и по вторпат дека е сеповеќе прифатено до нашето општество. Бројот на присутни покажува дека ова е навистина веќе еден маркантен настан во Скопје и јас се надевам дека ќе имаме навистина и еден протестен марш но и една прослава на се она што сме постигнале по улиците на Скопје“, вели Андоновски.
Учесниците побараа поголема ангажираност на јавното обвинителство и гонење на говорот на омраза, затоа што како што велат, неказнувањето само ги охрабрува чинителите на тие дела кои подоцна се повторуваат.
„Па прави, меѓутоа сметам дека може да направи уште повеќе и да бидеме многу поефикасни и побрзи во тоа сметам дека веќе тоа е еден од условите за да влеземе во ЕУ конечно да се отворат сите карти на маса и конечно да се признаат истополовите бракови посвојувањето на деца итн.“, изјави Сретен Костиќ, моден дизајнер.
На парадата и се приклучија стотици луѓе од најразлични генерации, а меѓу нив имаше и голем дел од политичари и функционери кои ја дадоа својата поддршка на ЛГБТ заедницата.
„Тука сум да дадам поддршка за унапредување на правата на ЛГБТ, да бидат заштитени од било каков вид дискриминација, говор на омраза и насилство. Направивме големи исчекори во унапредување на правата на на ЛГБТ и луѓето особено со новиот закон за заштита и спречување од дискриминација.“, изјави Маја Морачанин од ДОМ.
На парадата се приклучи и Претседателот Стево Пендаровски заедно со својата сопруга. Инаку настанот го организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Првата Парада на гордоста се одржа пред две години, а лани беше одложена поради ковид кризата.