Во Собранието бурно до 6 часот наутро, предлог законот за „Га-Ма“ ја вжешти атмосферата во парламентот

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Видео материјалот направен од пратеникот Антонио Милошоски. Ја отсликува бурната и напната атмосфера која деновиве доминира во Законодавниот дом. Пратениците на маратонска расправа до раните утрински часови. Аргументираат и реплицираат околу решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје. Во предлог законот, по пат на спогодба се предвидува да му се признае на Макпетрол, правото на сопственост на 50 проценти од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ со јакни во собраниските клупи до раните утрински часови, велат дека ваквото законско решение нема да им помине. Многумина од нив на социјалните мрежи со фотографии и статуси.

-06:15 часот наутро. Маратонска седница од 20 часа и борба без престан. Се уште сме тука и не им дозволуваме да им помине КРАЖБАТА од 33 милиони евра. Доста е од богатење на олигарси. Не смее да има за Макпетрол, а да нема за народот. Ова ги чека за секој обид незаконски да украдат од народот-напиша пратеникот Бојан Стојаноски.

-6:45 часот во Собранието на Република Македонија … пленарната седница за криминално-рекетарската влада на Заев и СДССМ со “закон” да му исплатат 33 милиони € на Макпетрол (Телма) се уште во тек … повеќе од 20 часа непрекинато! А, ви кажав – се лажете дека може на “кондиција да не фатите”!, напиша пратеникот Игор Јанушев.

На собраниската расправа во траење повеќе од 20 часа, пратениците од опозицијата реагираа дека со предложениот закон се убива правдата и се прекршуваат основните начела на правото. Нивните препукувања продолжија и преку денешните прес конференции. За опозицијата ,власта сака на мала врата да го протне законот.

-Заобиколувањето на судските инстанци и вмешувањето на Собранието е доказ, дека Заев е свесен за криминалот што го прави, но не му е гајле ниту за народот ниту за народните пари. Важен му е само неговиот интерес-изјави Дафина Стојановска.

Власта негира дека постои избрзано носење на законот

-Не се брза со ништо. Во конкретниот случај станува збор за редовна постапка која што ние како пратеници имаме обврска да ја реализираме, да ги реализираме сите проекти кои се претходно почнати… Очигледно деструктивното однесување на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ продолжува во секој поглед на нивното функционирање во Собранието-вели Миле Талевски, пратеник на СДСМ.

Мнозинството пратеници, освен оние од опозицијата не беа во собраниската сала. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реагираа и на однесувањето на собранискиот спикер за кој велат дека го крши деловникот

-Вака го кршите деловникот . Денеска направивте кулминација со самиот деловник и седниците. Саат време пратениците од опозицијата ве чекаат во Собраниската сала-вели Мицевски.

Опозиционерите од претседателот на Собранието да стави вето, доколку законот биде изгласан. Седницата на чиј дневен ред е предлог законот ќе биде дополнително закажана.