Во среда започнува вакцинацијата против ковид-19 – Шабани: Несаканите ефекти се минорни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во среда започнува вакцинацијата против Ковид 19 на Инфективната клиника во Скопје.

Прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективната клиника. Агенцијата за лекови и медицинска опрема МАЛМЕД подготви прирачник со препораки за вакцината Фајзер од 40 страници. Директорот на агенцијата Лирим Шабани изјави дека сите административни процедури за вакцината против Ковид 19, Фајзер, се очекува да завршат до утре со што задутре здравствените работници претходно обучени за тоа можат да започнат со апликација.

„Во прирачникот се предвидени правила за чување на вакцината, за здравствените работници кои ќе работат со таа вакцина, за тоа како треба да се мешаат вакцините, како да се дозираат. Колку за информација оваа вакцина не е со една доза, ги имаме ампулите или малите шишенца во кои има неколку дози. Во прирачникот детално се опишани сите информации кои треба да ги знаат здравствените работници се до финалната апликација“, истакна Лирим Шабани.

Несаканите ефекти се многу ретки може да се појави  алергија вели Шабани, според него тие случаи се минимални.

„Во конкретниот случај, вакцината која е, беа аплицирани милион такви во целиот свет, пријавувањето на несакани ефекти е многу мал. Во многу ретки случаи може да се појави алергија од супстанците кои ги содржи вакцината кај лицата кои се алергични на неколку од нив. Но повторувам, досега од милион аплицирани вакцини, случаите со несакани ефекти се минорни“, додава Лирим Шабани.

На прашањето зошто доцнеа вакцините од Србија, Шабани рече дека тоа се случи поради тоа што и Фајзер не дозволи продавање на вакцините или да преминат од една држава во друга. Фајзер направи исклучок и ни дозволи да ги земеме антиковид вакцините од Србија.

Инаку, моментално вакцините се чуваат во посебен фрижидер на температура од -80 степени. Откако ќе бидат отстранети од фрижидер тие не смеат да се вратат повторно во фрижидер и треба да се користат во рок од 8 часа, рече Шабани. Имунизацијата во нашата земја почнува со 4680 вакцини од компанијата Фајзер кои Северна Македонија ги доби како донација од Србија. До крајот на февруари, најавено е дека ќе стигнат и кинеските вакцини за кои директорот на Малмед изјави дека доцнат поради празниците во Кина.