Во струшко насилството и понатаму се премолчува – причина за тоа се традицијата, обичаите и стереотипите!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Струга жените и понатаму го премолчуваат насилството кое се применува врз нив, велат статистиките на Центарот за социјална работа. Во реон од над шеесетина илјади жители , во просек на годишно ниво има по десетина пријави за семејно насилство.

Жртвите претежно молчат, а причина за непријавувањето, според социолозите, се традициите кај населението и наметнувањето на тоа дека жената секогаш треба да молчи и да трпи во домот на мажот.

„Семејното насилство е присутно во Струга, но и во околината. За жал, во Центарот во Струга има намалување на бројот на пријави. Најчеста жртва е жената, а причините се од економска, социјална природа, алкохолизмот и др“, вели Мехмед Халили.

Центарот за социјална работа спроведува кампања за родово насилство, со цел охрабрување на жените жртви и надминување на стереотипите.

„Во моментов во тек е кампањата „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“. Како институција ја промовираме родовата еднаквост и отстранувањето на стереотипите за родовите улоги базирани на култура, обичаите, верата, традицијата и други практики“, вели Мехмед Халили.

Социолозите велат дека жените трпат, продолжуваат да живеат со насилникот и не бараат заштита. Причина за тоа е нивната незавидна економска состојба, стравот  и статусот во семејството.
Досега ниту една жена од Струга не ги користела услуги на Регионалниот центар за жртви во Охрид.