„Во текот на неделата решение за правосудниот испит“ – Сали: Се работи на трајно решение и за другите испити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот заменик-премиер Беким Сали во „Клик Плус“ изјави дека во четврток ќе биде донесен финален драфт со кој правосудниот испит ќе може да се полага на албански јазик. Сали вети решение во текот на неделата, по што ќе се одлучи дали предлогот ќе биде испратен до Венецијанската комисија.

„Во текот на оваа недела, верувам во четврток, треба да се донесе финален драфт, конечно решение, и ќе се одлучи дали предложениот модел има потреба да оди во Венецијанската комисија. Сосема е ирелевантно дали ќе помине уште еден месец плус во Венецијанската комисија или ќе се усвои и ќе почне да се имплементира.“, рече Беким Сали.

Сали најави решение и за другите испити, нагласувајќи дека се работи на изнаоѓање трајно решение.

„Ова прашање отвори и нешто друго – колку сертификати ќе се издаваат на два јазика, како ќе се полага испитот на албански јазик, формите како се организираат, каде се полагаат – во стопанските комори, лекарската комора, адвокатската комора, извршители, сметководители и така натаму. Направивме мапирање, станува збор за над 40. Сите ќе добијат решение, едно по едно ќе се решаваат. Се обидуваме сè да опфатиме и еднаш засекогаш да ја затвориме оваа тема.“, вели Беким Сали.

Заменик-премиерот Сали информираше дека не станува збор за нов закон за правосудниот испит, туку за измени во постојниот закон. Инаку, по ова прашање студентите по право двапати протестираа пред Министерството за правда во Скопје.