ТВ21 дознава дека во 2022 година околу 30 ученици биле фатени како користат наркотици надвор од просториите на основните училишта во Тетово. А некои од нив се фатени и како продаваат.
Загрижува фактот што оваа бројка постојано расте, велат од Центарот за труд и социјална политика во Тетово, а станува збор за деца на возраст од 14 години.
Од Центарот за труд и социјална политика велат дека повеќето деца кои продаваат дрога истовремено и користат.
Од секторот за општински дејности велат дека во средните и основните училишта во Тетово не се затекнати ученици кои консумираат наркотици во училишните простории.
„Немаме пријава за конкретен случај ученик да биде затекнат со наркотици, а надвор од училишните простории директорите и вработените во училиштата немаат можност да ги пратат дали некој ученик поседува наркотици“, вели Назми Даути.
Адвокатот Ибрахим Бајрами вели дека законот од овој аспект е благ, бидејќи се предвидуваат само мерки за опомена и само доколку детето го повтори делото, се преземаат воспитни мерки од Центарот за социјална работа.
„Доколку малолетник е фатен на дело како поседува наркотик со намера да го продаде, како резултат на казната имаме алтернативни мерки за опомена. Како дополнителна мерка имаме зголемен надзор од страна на родителите, а за случаите кога се работи за повторување на исто дело, како посебна мерка изречена од судијата за деца, алтернативна мерка е надзор над детето од социјални работници со што детето подлежи на посебна програма“, вели Ибрахим Бајрами.
Според податоците на ТВ21 во Тетово во текот на изминатата година, околу 6 девојчиња биле фатени со наркотична супстанција кокаин. Несреќата е што случаите досега ги откриваат само органите на прогонот, додека родителите и училиштата кријат такви случаи за да не го нарушат имиџот на семејството, но и на институцијата.
