Со поставување камен темелник на фабриката „НЕКСТ.Е.ГО“, Македонија ќе стане првата земја во регионот која ќе произведува електрични автомобили. Инвестицијата е вредна 130 милиони евра, а фабриката ќе се гради во слободната економска зона во Тетово.
Инвеститорот Љазим Дестани рече дека се радува што инвестира во својата земја, со цел младите да не заминуваат во странство.
„Фактот што ме радува е тоа што во оваа фабрика ќе се вработат многу млади мажи и жени. Она што вреди да се напомене е дека бизнисмените од дијаспората се повеќе од обврзани да инвестираат во својата земја за да ги задржат младите во нашата земја. Денеска е историски ден за мене затоа што во Тетово ги носиме автомобилите на иднината и тоа отсекогаш го барав од Управниот одбор на компанијата, нашата компанија да не гледа конкуренција, туку да гледа новини кон иднината. Да уживаме заедно во воведувањето на Северна Македонија на листата земји за производство на напредни технолошки електрични автомобили“, вели Љазим Дестани.
На настанот присутен беше и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека оваа инвестиција е од голема важност, бидејќи камен темелникот се поставува токму на денот на потпишувањето на Охридскиот договор.
„Пресреќен сум и многу благодарен на компанијата што го избра 13 август како многу важен момент за ставање крај на војната и отворање на патот на иднината на мирот. Ние 21 година придонесуваме, како што вели Ајнштајн, животот е како да возите велосипед, ако застанеш, губиш рамнотежа и паѓаш“, порача Али Ахмети.
Од оваа инвестиција се очекува да се отворат 900 нови работни места.
„Во ова време на криза кога има многу скептицизам, успеавме да промовираме ваква инвестиција. Денес имаме два автомобила, но по една година, во втората половина на 2024 година, од земјава ќе излезат првите автомобили“, вели Фатмир Бесими.
„Денес е важен ден за економијата на Северна Македонија, ден на пресвртница во историјата на земјава. Цели региони се претвораат во индустриски, во развиени индустриски земји“, додаде Крешник Бектеши.
„НЕКСТ.Е.ГО“ се првите електрични автомобили кои целосно ќе се произведуваат во нашата земја. Компанијата е германска, а фабриката ќе има капацитет за производство на 30 илјади автомобили годишно.
