Во Тетово нема намалување на бројот на ученици – ветувањето за нови училишта се одложува за следната учебна година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 840 основци и 1.100 средношколци во Тетово утре ќе ја започнат новата учебна година. За разлика од трендот од изминатите години, кога се забележуваше континуирано намалување, годинава бројот на ученици во оваа општина е стабилизиран. Од Секторот за образование во Општина Тетово, Назми Даути, вели дека конечната бројка се очекува дополнително да се зголеми поради задоцнетите уписи.

„Новата учебна година ќе започне на први септември оваа година. Општината ги направи сите подготовки во текот на овие денови од распустот и сите училишта се подготвени за правилен почеток на воспитно-образовниот процес. До овие моменти, во средните училишта се запишани над 900 ученици, а процесот ќе продолжи и по почетокот на учебната година, бидејќи има родители кои не биле во државата во роковите за запишување и овие постапки ќе продолжат и ќе се запишат и оние ученици кои треба да се запишат во основно. Процесот во средните училишта знаете дека третиот рок беше на 20 август оваа година.“, вели Назми Даути.

Но, нема сите да седнат во своите простории. Учениците од средното текстилно училиште наставата ќе ја следат одделено – еден дел онлајн, а еден дел со физичко присуство во основното училиште „Беса“ во Речица, додека не заврши изградбата на новата зграда.

„Според предвидената динамика, мислиме дека до крајот на годината работите ќе бидат завршени, а што се однесува до училиштето во Селце, Владата за оваа година има издвоено 7 милиони денари, при што треба да се направи и потпорниот ѕид како услов за да се зголеми оваа сума и верувам дека и овој проект ќе биде готов, ќе се зголеми сумата и ќе се отвори јавната набавка и за втората фаза. Значи, двете училишта, на почетокот на следната година учениците од овие училишта ќе започнат со настава во овие објекти.“, рече Алби Ќамили.

Новина оваа година е и построгата контрола на реонизацијата на училиштата од страна на општината, за да се спречи непропорционалното собирање на ученици само во неколку одредени училишта.