Корона вирусот им го одзема животот и на младите. Меѓу 6-те жртви од последните 24 часа во Тетово, е и 21 годишно момче. Координаторот на Ковид центарот Тетово вели дека тој немал придружни болести и дека бил на кислород од 15 август.
„Што се однесува до пациентите кои починаа, еден од нив е 21 годишно момче кој од 15.08 бил на кислородна терапија, во тешка состојба. Последните два дена бил на вентилација, не инвазивна, така и почина“, посочи Гзим Нуредини.
Во Тетово има 123 хоспитализирани пациенти, а последните 24 часа се примени 17 нови пациенти.
„За жал се уште имаме голем број на хоспитализирани пациенти, 123, и во последните 24 часа имавме прием на 17 пациенти, а имавме 6 починати, од нив еден пациент на 21 годишна возраст. Што се однесува до вакциналниот статус со прва доза имаме 8 пациенти и со втора доза 7 пациенти, а бројот на пациенти кои се прегледуваат на амбуланта е многу поголем, односно 188 пациенти“, додава Гзим Нуредини.
Загрижувачки е тоа што продолжува да расте бројот на нови пациенти кои бараат лекарска помош. Лекарите апелираат дека само со вакцинација и почитување на мерките ќе се намали бројот на новозаразени.
