Во Турција уапсени сопственикот на хотелот и осум лица по страшната трагедија во која загинаа 76 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 76 лица го загубија животот во пожар што избувна вчера во хотел во популарниот ски-центар Карталкаја, на северот на Турција. Пожарот избувнал околу 3 часот и 30 минути во ресторанот на четвртиот кат од 12-катниот хотел. Според очевидци, алармот за пожар не се огласил, што уште повеќе ја отежнало евакуацијата на гостите.

Агенциите јавуваат дека турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја потврдил дека бројот на загинатите во пожарот се искачи на 76.

Претходно беше соопштено дека во пожарот е повредено 51 лице, од кои еден е во критична состојба. 17 од нив по укажаната лекарска помош биле пуштени од болница. Јерликаја додаде дека во рамките на истрагата за пожарот што го зафати хотелот досега се уапсени девет лица, меѓу кои и сопственикот на хотелот.

Властите вршат ДНК анализи за да ги идентификуваат телата. Пожарот се случи за време на зимскиот училишен распуст кога многу семејства од блиските Истанбул и Анкара доаѓаат на планината на скијање.