Во велешко почна теренската вакцинација на населението против Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Медицинска екипа на Здравствениот дом од Велес изутрината почна со теренската вакцинација во велешко. Денеска беа посетени неколку села во Општина Чашка: Бањица, Отиштино, Раковец, Еловец и Бусилци во кои вкупно  биле вакцинирани 17 лица од кои пет лица во село Еловец и 12 во село Бањица, информира за МИА, д-р Марина Тодоровска од Здравствениот дом која раководи со спроведување на вакцинацијата во Велес и велешко.

Таа најави дека утре теренската вакцинација ќе продолжи меѓу населението во село Дреново и Горно и Долно Јаблчиште, а во наредните терени согласно нивниот план ќе продолжи и во останатите села во Општините Чашка, Градско и Велес, а кои се под ингеренции на Здравствениот дом Велес.

Таа информира дека во амбулантата на Здравствениот дом изутрината започнала вакцинацијата без термин на лицата над 18 години и тоа со вакцината „Синовак“, имало интерес на граѓаните кои главно биле повозрасни и кои без претходно пријавување дошле и побарале да бидат вакцинирани. Вакцинирањето во оваа амбуланта е од 7:30 до 14:30 часот.

-Кога ќе добиеме вакцина „Фајзер“ во оваа амбуланта ќе можат да се вакцинираат и лица помлади од 18 години, односно од 12 години, па нагоре, а кои сами ќе пријават интерес за оваа вакцина информира д-р Тодоровска.

Инаку, на масовниот пункт за вакцинација против Ковид-19 во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ до крајот на јули ќе се врши второ вакцинирање на лицата кои веќе се вакцинирале со „Синовак“ и „Фајзер“, откако претходно заврши второто вакцинирање со „Синофарм“.

Д-р Тодоровска информира дека од почетокот на масовната вакцинација во Велес досега се вакцнирани околу 14.200 до 14.300  лица од реонот на Велес и велешко.