Пакистан соопшти дека неговата војска соборила индиски дрон кој наводно се обидувал да го наруши нејзиниот воздушен простор по должината на „Линијата на контрола“ (воена линија на контрола помеѓу делови од поранешната држава Џаму и Кашмир контролирани од Индија и Пакистан, која не претставува правно призната меѓународна граница, но служи како де факто граница), пренесе државната телевизија.
Информацијата доаѓа откако пакистанскиот министер за одбрана предупреди дека Пакистан верува дека индискиот напад би можел да биде „неизбежен“ и дека ќе разгледа можност за користење на својот нуклеарен арсенал како одговор на „директна закана за нашето постоење“.
Индиската армија го обвини Пакистан за неиспровоциран оган од лесно оружје по должината на линијата на контрола во текот на ноќта и соопшти дека одговорила соодветно, објави Индо-азиската новинска служба, цитирајќи го „Њузвик“ .
Тензиите меѓу Индија и Пакистан се зголемија по нападот и убиството на хинду туристи во Пахалгам, во индискиот дел од Кашмир.
