Институтот за јавно здравје –Тетово, на 21 јули извести дека минералната вода која извира во Тетовската Бања не е за пиење бидејќи се пронајдени бактерии во чешмата која се наоѓа во влезот и таа кај Железниот мост до реката.
Потоа, од институтот за ТВ21 изјавија дека едната чешма е чиста и дека може да се користи за пиење.
„Анализите на водата кои ги повторивме во Тетовската Бања велат дека водата кај чешмата во влезот е чиста и сега може да се пие. А водата од чешмата која се наоѓа кај Железниот мост, до добивањето на другите анализи не треба да се пие“, велат од Институтот за јавно здравје.
ТВ21 беше во Тетовската бања каде граѓаните пијат вода од овие чешми.
„Анализите на Центарот за јавно здравје – Тетово покажуваат дека минералната вода на Тетовската бања, кај Железниот мост, не е за пиење, но снимките покажуваат дека токму кај овие чешми нема никаков знак дека водата не е за консумирање“, истакнува репортерот на ТВ21.
Разговаравме и со граѓани, кои велат дека со години пијат од водата и дека не веруваат во анализите на Институтот за јавно здравје, дури велат дека тоа е дезинформација.
„Како не се пие водата, не е од сега тоа, од одамна е, се обидоа да ја обработат но никогаш не можат тоа да го направат, бидејќи ако ја обработат ќе има и лек, и здравје, и за реумата и за се друго“.
„Тоа се муабети, бидејќи ќе им остане непродадена водата која ја продаваат по продавници. Така јас мислам. Затоа велат дека не е за пиење“.
„Не, не е вистина, јас не верувам во тоа, мене позитивно ми влијаеше. Ова можеби е некоја политичка игра за да забранат водата да се пие и да се консумира таа која ја продаваат“.
Минералната вода лоцирана околу реката Шкумбин ја користат илјадници граѓани, а Бањата ја посетуваат посетители од Скопје и Гостивар. Покрај водата, тетовската бања се посетува и за рекреација, особено кога температурите се високи. Според жителите, оваа вода е лек за кожата, реума и помага при дигестија на храната.
