Конечно, водата во Гостивар е исчистена од фекално загадување и сега може да се користи како техничка вода, но не и за пиење и подготовка на храна. Ова го соопшти Управувачкиот комитет за управување со кризи. Емилија Аневска од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје изјави дека земени се шест примероци од потрошувачи во Гостивар и дека три последователни дена не биле евидентирани колиформни бактерии. Сепак, мониторингот ќе продолжи сè додека не се потврди дека водата е безбедна и за пиење.
„Сакам да кажам дека водата може да се користи за технички потреби, но граѓаните сè уште не треба да ја користат за пиење и за готвење. Во наредните денови ќе го зголемиме бројот на мерни точки во Општина Гостивар и ќе ја спроведеме основната контрола согласно Правилникот за вода за пиење. Со континуиран мониторинг ќе можеме да потврдиме дека во наредните денови водата ќе може да се користи и за пиење.“, порача Емилија Аневска
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати апел до директорите на јавните претпријатија и до сите лица кои директно или индиректно се поврзани со контролата на квалитетот на водата, да постапуваат со највисоко ниво на одговорност. Тој истакна дека здравјето и безбедноста на граѓаните мора да бидат приоритет и дека секој надлежен е должен да ги исполнува своите законски обврски, особено кога станува збор за обезбедување безбедна вода за пиење.
„Сакам да испратам порака за во иднина до сите одговорни лица во рамките на општините на територијата на Македонија. Се надевам дека ова ќе биде поука и дека еднаш засекогаш во иднина ќе постапуваат со максимална професионалност и согласно нивните законски надлежности во однос на контролата на квалитетот на водата. Затоа што со здравјето и безбедноста на граѓаните нема игра. Секоја одговорност мора да се извршува со најголема сериозност и професионалност, особено одговорноста што се однесува на водата, без разлика дали станува збор за техничка вода или вода за пиење.“, вели Панче Тошковски.
И од Општина Гостивар соопштија дека водата од водоводната мрежа веќе може да се користи за техничка употреба.
Од Општината посочија дека, благодарение на ангажманот на локалните и централните институции, како и на сите вклучени страни, се преземаат неопходните мерки за санирање на состојбата.
