Волк или куче? Што е животното во Козле кое го вознемири цело Скопје?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оваа снимка синоќа ги остави без зборови жителите на населбата Козле во Скопје!

Волк во нивната населба!

Влечеше синџир, што укажуваше дека избегал од некој што го чувал како домашно милениче.

По пријавата од загрижени граѓани, интервенирала полицијата, стручната служба на Зоолошката градина и претставници од Град Скопје.

Животното беше фатено, а од снимките се гледа дека било питомо, бидејќи не покажувало агресивност.

„Волкот е безбедно транспортиран во зоолошката градина, додека ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди грижа и соодветни услови во иднина. Во наредниот период тој ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица“, велат од ЗОО Скопје.

Од Зоолошката градина потсетуваат дека чувањето диви животни како домашни миленици е забрането и опасно, бидејќи, како што додаваат, дивите животни имаат природни потреби, инстинкти и однесување, па не можат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови.

„Не можам да верувам дека постојат толку неодговорни поединци кои на ваков начин ги третираат дивите животни, а во исто време ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина. Очекувам институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расветлат случајот“, напиша Ѓорѓиевски.

Но, дали навистина беше волк или куче? Во некои онлајн медиуми се појави вест дека животното пронајдено во Козле е чипирано куче, а не волк и дека сопственикот го бара назад, но оваа вест беше демантирана од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ).

„Од страна на официјалните ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор во зоолошката градина со цел да се утврди видот на фатеното животно и неговата здравствена состојба“, велат од АХВ.

Сепак, властите апелираат до граѓаните, доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции.