Со корпи во рака и списоци за потребни продукти, мобилни тимови на Црвениот крст во соработка со град Скопје пазарат по градските маркети и со тоа им помагаат на стари и изнемоштени лица, на оние во ризична група, како и на лица кои се во изолација. На терен се од изутрина од 8 часот и 30 минути до 12 и 30 часот. Покрај храна, тие им купуваат и лекови и набавките им ги носат до дома. Потоа, плаќаат сметки, а доколку имаат потреба ги носат и на лекар, вели секретарот на Црвениот крст на Скопје Сузана Тунева Пауновска. Ја прашавме како изгледа посетата на лицата кои се во изолација, колку се волонтерите заштитени.
„Ние се јавуваме на телефон пред да пристигнеме до нивниот дом. Тие ја оставаат нарачката во кеса пред врата и парите, а потоа тимовите, кои се заштитени со ракавици и маски, го земаат сето тоа го ставаат во друга кеса, одат да пазарат и пред да дојдат дома повторно им се јавуваат и им ги оставаат кесите пред врата им ѕвонат на врата, значи немаме контакт со тие лица“, вели Сузана Тунева Пауновска.
Дневно има околу 70-тина повици, во Скопје функционираат 11 тимови, а во другите градови од 1 до 3 тима. Им помагаат и на бездомните лица, а за контрола им мерат и температура за да проверат дали случајни и тие се заболени.
„Имаме мобилен тим кој што ги посетува бездомните лица, зашто сите оние кои се во нашата база на податоци 185 луѓе, точно знаеме каде се лоцирани, им даваме дополнителни средства за хигиена, дезинфекција, маски и ракавици и совети како треба да се однесуваат“, додава Тунева Пауновска.
Од Црвениот крст велат и дека во моментов имаат 60 волонтери, а имаат и дежурни екипи, кои имаат и дозвола за движење за време на полицискиот час, во случај на итни ситуации.
