Прогласувањето вонредна состојба не забранува слободно движење на граѓаните. Но според претседателот на Собранието, Талат Џафери, движењето може да се ограничи со одлука на Владата доколку состојбата се влоши. Тој апелира граѓаните да ги почитуваат мерките.
„Треба да бидеме одговорни и совесни и да се однесуваме согласно правилата предвидени за ситуацијата. Не значи дека вонредната состојба меѓу другото подразбира и можност за имплементирање на ограничување на разни слободи на граѓаните од движење, комуникација и многу други прашања што ги тангираат прават и слободите на граѓаните“, истакна Талат Џафери.
И министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека вонредната состојба не значи ниту полициски час, ниту затворање на продавниците ниту пак го ограничува движењето на граѓаните. Таа рече дека мерките треба да се преземат што поскоро, за, како што рече, да не задоцниме бидејќи вирусот ќе не “казни“.
Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека Владата не ја изменаџирала добро ситуацијата со коронавирусот.
Северна Македонија во текот на вчерашниот ден прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена, оставајќи простор истата да се продолжи доколку е потребно за уште 30 дополнителни дена.
