Надзорот на работите на тротоар на главниот пат за малку ќе завршеше фатално за градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими. Тој заедно со неговото обезбедување и возачот биле нападнати со огнено оружје од непознати лица. градоначалникот Ибрахими се спасил неповреден, но возачот и обезбедувањето се здобиле со телесни повреди на местото на настанот.
„Во скопското село Арачиново денеска имало вооружен напад, каде мета бил градоначалникот на оваа општина Ридван Ибрахими, но тој поминал без повреди. Повредени се уште две лица, се работи за обезбедувањето и возачот на градоначалникот на општината. Станува збор за лицата Е.С и А.А. Инцидентот се случи овде зад мене, во моментот кога градоначалникот на општината Ридван Ибрахими вршеше надзор на работите на тротоарот а во тој момент се случи и нападот со огнено оружје. моментално инспекторите вршат увид на местото на настанот за прибирање докази“, вели репортерот на ТВ21.
Случајот го потврди и МВР. Според соопштението, нападот се случило во 13: 25 а е пукано со автоматско оружје.
„Денеска (01.04.2024) во 13.25 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на влез на с. Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на о. Арачиново Р.И., кој бил заедно со уште неколку лица. При тоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Потешко ранет е лицето А.А. (21) . Тој се наоѓа на торакална клиника во Скопје каде му е отстранет дел од белите дробови, а лицето Е.С. е во Градската болница Свети Наум, во добра здравствена состојба, односно при свест.
„Пациентот имал прострелна рана, оштетен му е десниот дел на белите дробови, направена е хируршка интервенција при што е изваден дел од белите дробови од десната страна. Нормално, пациент е во шок состојба, ќе преноќи на интензивна нега, па ќе видиме како ќе му се развива ситуацијата“, вели Неџати Јакупи.
Мотивите за нападот се уште не се официјално познати, но се шпекулира дека станува збор за стари имотни проблеми, поточно за земјиштето во државена сопственост , каде е предвидено да се изгради фудбалски стадион.
Поради инцидентот со пиштолот, денеска речиси цело Арачиново беше блокирано од полицијата. Напаѓачите биле барани и со хеликоптер. Сообраќајот на автомобили не беше дозволен, ниту пак пешаци во близина на местото на настанот. Најмногу настрадаа основците кои сакаа да се вратат дома, а полицијата не им дозволи. Полицијата го блокираше патот од обиколницата на влезот во Арачиново, а граѓаните беа принудени пешки да си одат дома.
