Спортскиот аеродром Стенковец преполн со посетители. Тие имаа можност одблиску да ги разгледаат авионите, хеликоптерите и дел воздухопловната опрема на Армијата на Македонија кои се дел од воената вежба „Брз одговор 22“. Атмосферата беше дополнета и со прелетот што го направија грчките воени авиони „Фантом“ и бомбардерите „А-10“.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека вежбата е манифестација на способноста на Армијата и покажува дека нашите армиски капацитети се подготвени и оперативно да одговорат на операции како и сите НАТО-сојузнички армии. Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека ова е само дел од воздухопловите кои ќе учествуваат на вежбата на 12 мај
„Северна Македонија како домаќин на големата и сложена НАТО вежба уште еднаш покажува дека нашите армиски капацитети се подготвени и оперативни да одговорат на операциите како сите наши сојузнички армии“, истакна Димитар Ковачевски.
„Многу е значајно она што го правиме во овој период во нашата државата, односно со изведбата на оваа вежба, кое покажува и демонстрира едно единство помеѓу сите НАТО сојузници и испраќа една многу силна порака а тоа е кога сте во НАТО не сте сами“, порача Славјанка Петровска.
На отворениот ден во Стенковец беа и амбасадорките на САД Кејт Мери Брнз и на Велика Британија Рејчел Галовеј.
„Ова е неверојатна можност да се видат воздухопловите, а особено важно е да се сретнат авијатичарите од НАТО и реално да видиме што ова значи за граѓаните на Северна Македонија и да се сподели со нив што НАТО прави“, вели Кејт Мари Брнз.
„Она што го гледаме овде денеска, различни воздухоплови од различни земји, различни НАТО сојузници е фактот дека ние сме способни да работиме заедно и да продолжиме да работиме заедно и тоа го прави НАТО силен“, посочи Рејчел Галовеј.
Но најсреќни беа најмалите, кои веројатно и за прв пат непосредно се среќаваат со авиони и хеликоптери. Некои од нив посакаа кога ќе пораснат да бидат пилоти.
„Да јас го видов авионот, интересен беше многу, влегов во некои, интересни беа, се сликав и така“.
„Прекрасно, беше многу интересно да ги гледам како се вртат и летаа наопаку. Кога ѕирнав од прозорецот беше многу комплицирано и не знам како можат да научат толку копчиња, кое за што е. Има многу работи за да станеш пилот, но јас тоа сакам да бидам, тоа ми е мене животна желба и се надевам дека ќе станам тоа“.
„Кога летаа многу беа убави, кога се превртуваа. И кога влегов во авион беше многу убаво“.
„Многу ми се допаднаа, имаше многу нови работи што денеска научив, како се управуваат авионите, како изгледаат од блиску и друго“.
Вежбата „Брз одговор 22“ се реализира во три региони и тоа во Арктикот, Балканскиот и Балтичкиот регион и во неа учествуваат околу 4.600 армиски припадници од 8 различни сојузнички земји.
