Влечење за уво, шлаканица и кревање во воздух. Вакви вознемирувачки снимки ги „преплавија“ социјалните мрежи. Детето врз кое беше применето насилство е 7-мо одделение, а наставникот кој го нападна ученикот предава англиски јазик. Настанот се случил вчера попладне во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел. Директорката Ќамуране Реџа веднаш го пријавила случајот во полиција. Вели дека и таа го видела вознемирувачкото видео кое ѝ го испратиле колегите. Како што вели, нема информации како и зошто дошло до немилиот настан.
-Не знам како се случил настанот. Во 16:30 часот кога се вратив од работа, колегите ми го испратија видеото. Од видеото го препознав наставникот. Многу се вознемирив. Веднаш преземав мерки и случајот го пријавив во полиција. Многу сум вознемирена.-рече Ќамуране Реџа.
Ќамуране Реџа на директорката позиција е именувана неодамна, а наставникот веќе неколку години предава во училиштето. Ја прашавме Реџа што ќе се случи со наставникот и дали ќе биде разрешен?
-Директорката на училиштето ни рече дека во никој случај нема да толерира насилство во училиштето со кое раководи. Прво што ќе направи в понеделник е да свика дисциплинска комисија и да постапи согласно она што го налага законот-вели репортерката на ТВ21.
Од МВР го потврдуваат случајот и велат дека чекаат официјална пријава од директорката, по што веднаш ќе преземат мерки за разрешување на случајот. Согласно Законот за основно образование секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него.
