Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп предвидено во член 357 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, во периодот од 23 април до 24 јули годинава, како службено лице – виш референт за шалтерски услуги во Агенција за вработување на РСМ – Центар за вработување Прилеп, побарал и примил поткуп во вкупен износ од 18.000 денари од лице од селото Бело Поле, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши и за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
Откако оштетениот и неговата сопруга, корисници на социјална помош, на 23 април добиле СМС порака од Агенцијата за да се јават на обука за работа, осомничениот му рекол на оштетениот дека доколку ја одбие обуката ќе му ја укинат социјалната помош. За тоа да не се случи, побарал од оштетениот да му дава половина од социјалниот надоместок – паричен износ по 6.000 денари. Исто така осомничениот му ветил дека ќе ја евидентира неговата сопруга во електронскиот систем на Агенцијата како активен барател на работа, иако таа немала контролен картон и не го доставувала во Центарот на увид.
Следниот ден, оштетениот во канцеларијата му однел 4.000 денари, а потоа уште 2.000 денари и продолжил месечно да го исплаќа. При предавањето на последниот износ од 6.000 денари на 24 јули, полициски службеници ги пронашле и одзеле банкнотите од осомничениот, а тој веднаш бил приведен.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
