Вработените од поранешно АД Центро на протест, се жалат дека имотот се распродава, а не им се исплаќаат побарувањата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените на поранешно Центро на протест пред просториите на некогашната дирекција. Велат дека и по повеќе од 20 години се уште не им се исплатени заостанатите плати и акции иако дел од капиталот на ова претпријатие се продава. Претседателот на Координативното тело за заштита на капиталот на Центро Џејнан Џеладин вели дека веќе со години им се ветува дека ќе им ги исплатат средствата но од тоа нема ништо.


„Еве писмен документ што се обраќа стечајната судијка Ирена Петрушевска, стечајниот управник Ацо Петров земал пола милион награда. Нашите пари каде се, нашите плати? Овој магацин овде ние го градевме, со наши пари“, вели Џејнан Џеладин од координативното тело за заштита на капиталот на Центро.


„Ова е изградено од наши пари овде. По 500 динари сме земале плата на времето, цел персонал, од хигиеничар до директор да се изгради ова овде. И сега сите се извлекуваат на страна а не ни ги даваат парите назад. Срамота е ова веќе не знаеме каде да се обратиме веќе“ вели Слобода Карапанџова поранешна вработена во Центро.

Поранешните вработени на акционерското друштво Центро ја повикуваат Финансова полиција да отвори случај, затоа што, како што велат бесправно се продава имотот на претпријатието без притоа да им бидат исплатени побарувањата. При крајот на 90-те години кога фирмата отишла во стечај велат дека буквално останале на улица, без пари но и без здравје. Прашуваат што се случи со огромниот имот на ова претпријатие и каде отидоа парите од распродадените објекти.


„И бараме да ни се исплати и да влезе Финансовата полиција да расчепка, да се види што има, кој грабеж го има во Центро. Капиталот се ништи се распродава. Тешка сиромаштија и тешки богаташи што продадоа продавници, супермаркети, дирекции во центарот.
Луѓето изумреа, затоа сме вака, немаше кој да ги закопа, бев на случај на колега, немаше кој па собиравме пари да се закопа човекот“, вели Ратка Стојановска поранешна вработена во Центро.

Како некогашна фирма со голем синџир на самопослуги, магацини и други објекти, АД Центро одеднаш беше доведена во стечај. По повеќе од 20 години по затворањето на последната продавница околу 800 вработени се уште си ги бараат заостанатите плати и побарувања од акции. Надеж гледаат во вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи со кого наскоро треба да одржат средба за да ја објаснат состојбата.