Вработените во ФЗОМ на штрајк – граѓаните останаа да чекаат пред врата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Од денеска вработените во Фондот за здравствено осигурување стапија во штрајк. Сите граѓани кои дојдоа за да побараат некаква услуга наидоа на затворена врата и никој не ги пречека. Велат дека ќе се извршуваат само итните услуги, но ниту за итните не беа примени на шалтер“, вели репортерката на ТВ21.

Иако тука пишува дека може да се изврши пријава на малолетно лице, сепак вработените во подрачната единица на ФЗОМ во Скопје не беа расположени да ја извршат оваа услуга.

„Не, вратата беше затворена“.

-Дали е итно?

„Да, итно е. Ќерка ми е мала, 3 години има, ако се разболи каде да ја однесеме без осигурување?“

-За што дојдовте?

„Да ја завериме книшката, но има штрајк, не нѐ примаат, хигиеничарката вика…“

-Ќе чекате ли уште?

„Да, секако. Морам да завршам работа итно е“.

Фондот штрајкува поради препораката на Владата за намалување на платите за 21%. Рецепти и упати ќе има, но не и исплата на породилно, боледување и плати во јавното здравство, сѐ додека Владата не усвои нова препорака, со која ќе се овозможи платите на вработените во Фондот за здравство да останат на сегашното ниво.

Од Владата побараа на утрешната седница да го повлече предлогот даден до Управниот одбор за намалување на платите. Ги отфрлија тврдењата на Министерството за финансии дека поради нивните плати нема да има средства за набавка на лекови.