Вработените во Македонски пошти излегоа на протест, платата доцни, а 60% од нив работат за минималец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Незадоволството на вработените во Македонска пошта излезе на улица, откако платите за јануари сè уште не се исплатени. Денешните протести се одржаа пред објектите на поштенските служби во повеќе градови низ државата, а синдикатот ја истакна сериозноста на ситуацијата и потенцијалот за ескалација доколку проблемот не се реши веднаш.

Вработените порачаа дека трпението е исцрпено и дека раководството било навремено известено за можното одложување на платите, но дека одговор не следел.

„Бевме јасни и коректни. Побаравме навремена исплата на заработеното. Наместо одговор, добивме молк. Затоа денеска сме тука“, порачаа учесниците на протестот.

Покрај доцнењето на платите, работниците алармираат за лошите услови за работа. Дел од објектите се без греење, со недоволна опрема, а во некои простории сè уште има азбест, што претставува опасност за здравјето.

„Работиме во услови кои одамна не се достојни за 21 век. Немаме основни услови, а сега и платата ни доцни. Ова е навреда за секој вработен“, велат од протестот.

Синдикатот предупредува дека доколку и следната плата не биде исплатена навреме, ќе се пристапи кон целосен штрајк на ниво на целата држава.

Засега, од менаџментот на Македонска пошта нема официјален став за причините за доцнењето или за тоа кога вработените ќе ги добијат своите примања.

Протестот испраќа јасна порака – трпението на поштарите е на крај, а институционалната неодговорност повеќе нема да се премолчува.