Има ли Македонија квалитетни кадри кои раководат со институциите. Според универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев, говорејќи во вчерашната емисија Клик плус на ТВ21, именувањата на директорите се врши без никакви критериуми. Ги спомна случувањата во Клинички центар како пример, каде, како што рече порано имало еден, сега има 50 директори.
„Не може да биде системот добар, да дојде министер и да именува 50 директори, па тоа не постои во свет. Се знае, мора да е редовен професор, па ако нема редовен, вонреден, па учество на установата. Него го ставија во некоја фаза лекар специјалист и ќе ставиме било кого економски директор, уште посмешно и тоа се распаѓа само од себе. Значи тоа е врв на леден брег. Нам сите други системи ми се во опаѓање“, вели Марјан Бојаџиев.
Потпретседателот на Стопанската комора Зоран Јовановски говорејќи за проблемот со сивата економија рече дека доколку таа значително се намали, тогаш Буџетот ќе има многу повеќе пари. Засега проценката е дека сивата економија опфаќа околу 33 проценти од БДП.
„Просекот во Европската унија е 19,4 проценти. Ако ние ги аплицираме бројките на македонските бројки и од 33, се сведеме на просекот на ЕУ, значи не ние скроз да ја искорениме сивата економија туку да ја сведеме на нивото што е просечно за цела Европска унија, значи ние од 33 на 19, би имале околу 450 милиони евра повеќе пари во Буџетот годишно“, вели Зоран Јовановски.
Во дебатата стана збор и за проблемот со корупцијата, која директно влијае врз економијата во земјава, а како што истакна Виктор Мизо претседател на Советот за странски инвеститори, компаниите со странски капитал не знаат како да се справат со корупцијата и тоа ги одбива да инвестираат.
„Не само за идни компании кои би дошле тука и би одлучиле да инвестираат во државата, туку и за постоечките компании ова е многу важно за на каков начин тие ќе продолжат да го водат бизнисот или потенцијално да го прошират бизнисот во државата. Така што корупцијата и владеењето на правото тоа е една нулта стартна точка врз основа на која големи мултинационални компании работат“, вели Виктор Мизо.
Во однос на тоа кои се нивните очекувања од новата Влада во областа на економијата, соговорниците потенцираа дека од неа очекуваат брзи ефикасни и конкретни резултати.
