Општина Тетово никако да ги објави имињата на договорите што ги потпишала со приватната агенција ЈОБ2011, на која пред неколку месеци со јавен тендер и додели 300 илјади евра за вработување. ТВ21 на 12 јули достави неколку прашања до општина Тетово: Колку договори се склучени во општина Тетово и противпожарната служба? Колку договори се склучени преку агенцијата ЈОБ2011 и дали ќе бидат објавени. Но, од општината добивме ваков одговор:
„Во врска со ова прашање треба да се обратите директно во приватната агенција. Врз основа на законските норми на законот за вработени во јавниот сектор и законот за приватни агенции за посредување при вработување, овие работници се сметаат за вработени во приватната агенција, додека работата ја вршат во општина Тетово. Сите овие договори се вработувања со кои се пополнуваат слободните работни места во Општина Тетово и се во согласност со систематизацијата на работните места“, посочија од Општина Тетово.
По неколку дена го прашавме и поранешниот претседател на Советот на општина Тетово, Бесар Дурмиши, но од него го добивме речиси истиот одговор, дека податоците ќе треба да ги објави агенцијата.
„Тие не се во надлежност на општината бидејќи се направени преку агенцијата и можете да ги добиете преку фирмата што ги направила тие договори“, вели Бесарт Дурмиши.
Преку агенцијата ЈОБ2011, општина Тетово има ангажирано вкупно 63 лица. Општината објави само 14 договори кои се склучени од март до јуни, но имињата на вработените не се објавени.
На 27 јуни градоначалникот на Тетово Биљал Касами изјави дека по 1 јули ќе бидат објавени сите договори на дело.
„По 1 јули ќе бидат објавени сите договори на дело како што беа објавени досега. Мора да побарате пристап до информации од јавен карактер за вработени со решение и привремено вработување. Според законот, ќе ги добиете сите информации што ви следуваат“, посочи Биљал Касами.
ТВ21 се обрати и до приватната агенција Јоб2011, но се уште не добивме никаков одговор.
