Мицкоски: 11 Октомври е потсетник на жртвата за слободата, младите се најголемата национална битка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порача дека државата не ја добила слободата на подарок, туку таа е резултат на храброста и жртвата на генерации кои се бореле против неправдата и фашистичкиот окупатор.

Во обраќањето, Мицкоски потсети на почетокот на организираното востание во Прилеп и Куманово во 1941 година, нагласувајќи дека денешните генерации имаат одговорност да ја продолжат борбата преку градење посилна и попросперитетна држава.

„Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, порача Мицкоски.

Тој повика на надминување на поделбите, храбри одлуки и поставување поголеми национални цели, оценувајќи дека државата треба да создава економски успех, институционална правда, развој и напредок.

Мицкоски посебно ја истакна потребата од создавање услови младите да останат во земјата, да формираат семејства и да ги остваруваат своите соништа.

„Најголемата борба на нашата генерација е борбата за иднината на децата. Најголемата национална битка е битката за младите. Мора да изградиме иднина во која младите нема да избираат помеѓу татковината и сопствената иднина“, рече премиерот.

Во продолжението на говорот, тој се осврна и на економските резултати, реформите и предизвиците со кои се соочува Владата, оценувајќи дека постигнувањето раст во услови на глобална криза и, како што рече, наследен руиниран систем е исклучително тешко.

„Нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација“, порача Мицкоски, додавајќи дека одговорноста на сегашните генерации е да остават посилна држава за идните поколенија.