Бројни политички реакции по предавањето на Артан Груби. Опозициската СДСМ го нарече ова театар со кој ДУИ го спасува Мицкоски, обвинувајќи дека бегството и сега враќањето на поранешниот вицепремиер се резултат на политички договор. Според социјалдемократите, со тоа се одвлекува вниманието од криминалот и корупцијата и остануваат без одговор скандалите, како оној со марихуаната.
„Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија и да се врати. На овој начин ВМРО со поддршка од ДУИ сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога што води до врвот на Владата на Мицкоски. Но и бројните скандали со криминални тендери за кои повеќе од 80 дена нема никаков одговор.“, вели Богданка Кузевска од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека СДСМ е вознемирена бидејќи Груби сега може да открие информации за афери на функционери од претходната влада.
„Информации кои може да дадат индиции дека тоа го правеле заедно со Венко Филипче, Оливер Спасовски, Зоран Заев, Вице Заев, затоа и не се чудиме што СДС застанува во одбрана на Артан Груби, бидејќи бранејќи го него, се обидуваат да се спасат себеси од криминалите што ги правеле заедно.“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Со реакција се јави и коалицијата ВЛЕН, наведувајќи дека конечно се предала „црната кутија“ на владеењето на ДУИ, бидејќи, како што додаваат, Груби бил учесник и извршител на сите темни договори на ДУИ.
„Затоа ДУИ се тресе од страв бидејќи не знаат за што е подготвен да зборува Артан Груби. Откако ДУИ катастрофално ги загуби локалните избори и сите лажни ветувања на Ахмети за предвремени избори и наводен влез во влада пропаднаа, Артан нема друг избор освен да се соочи со своите гревови. Но кого ќе повлече со себе, останува да се види.“, велат од ВЛЕН.
Партијата од која доаѓа Груби, ДУИ, позитивно ја оцени одлуката за враќање во земјата, притоа барајќи да се создадат услови за транспарентен и непристрасен процес.
„Очекуваме процесот да се одвива во согласност со највисоките стандарди на владеење на правото: пред сè, со високо ниво на транспарентност, во согласност со јавниот интерес; но пред сè, со целосно почитување на презумпцијата на невиност и со заштита на индивидуалните права и слободи.“, соопштија од ДУИ.
Интегративците порачуваат дека остануваат цврсти на ставот оти правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија.
