Коалицијата „ВРЕДИ“ на денешната лидерска средба изнесе став дека техничката влада треба да се укине веднаш, а доколку нема согласност од сите политички фактори, следните редовни парламентарни избори да се одржат со техничка влада, по што таа да се укине.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од „ВРЕДИ“, истакна дека на средбата било дискутирано и за измените на Изборниот законик, со посебен акцент на обезбедување можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето.
„За изборните единици немаме став, најважно е, како и да се одлучи, и за една изборна единица, да има отворени листи“, рече Касами.
Тој ја поздрави лидерската средба, нагласувајќи дека на истата биле отворени многу теми, политички и економски, и дека дискусијата била конструктивна.
