Се очекува жешка дебата за Предлог-законот за правична застапеност меѓу албанските партии од власта и опозицијата. Од ВЛЕН истакнуваат дека за прв пат правичната застапеност нема да зависи од политичката волја на владите или од партиските договори, туку ќе се уредува преку јасен, обврзувачки и контролирачки закон.
„За истиот закон позитивно мислење дала и Венецијанската комисија, највисокиот европски авторитет за уставни и правни прашања. Ова конечно ја урива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за правична застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да го регулира со закон. ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес, правичната и адекватнта застапеност станува законски механизам кој гарантира реална еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без разлика на етничката припадност и без партиски посредници“, велат од ВРЕДИ.
Од ДУИ велат дека законот не треба да помине, нарекувајќи го „политичка измама“. Потпретседателот на интегративците, Арбер Адеми, ги наброја, според него, трите суштински прашања кои ги нема во предлог-законот и вели дека го враќаат Албанецот во положбата пред 2001 година, кога вработувањето изнесувало 0,2%, без правична и адекватна застапеност
„Значи, етничката квота нема да постои, ќе бидеме во иста состојба како пред 2001 година, ќе продолжиме со таа состојба, нема обврска за институциите, за државните органи, институции генерално – да ги идентификуваат граѓаните врз основа на етничката припадност при вработувања и напредувања, што значи дека останува таа обврска која Уставниот суд, на неуставен начин, им ја забрани на институциите да ја признаат врз основа на етничката припадност, и на крајот нема санкциски одредби“, изјави Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ.
Законот наскоро треба да влезе во парламентарна процедура, а ВЛЕН повикува сите пратеници, без исклучок, да се вратат кон разумот, одговорноста и јавниот интерес.
