Вреди продолжува со преговори за новата Влада – Зејди не ги исклучува протестите за да ги спречат Вреди и ВМРО-ДПМНЕ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ и денеска ги продолжија преговорите за формирање на нова Влада, односно усогласување на програмите и поделба на ресорите. Претседателот на БЕСА, од коалицијата ВРЕДИ, Биљал Касами, вели дека се на добар пат и зборуваат за сериозна Влада.

Продолжуваат разговорите, ние сме на добар пат и поради коректност се согласивме кога ќе имаме конечен договор заедно да излеземе и тоа да го претставиме пред јавноста. Не би сакал да навлезам во детали, но сме на добар пат и имаме коректна комуникација во правец на поделбата на одговорностите. Тоа што е важно за да се истакне е дека зборуваме за амбициозна влада која ќе има предвид квалитетно претставување по разните ресори. Многу време е изгубено порано со неквалитетен кадар. Ние бараме во сите ресори да има стручен кадар“, вели Биљал Касами.

Од друга страна Скендер Реџепи Зејди, вели дека постојат демократски механизми за да ги спречат. Тој не ја исклучува можноста и за протести по улиците.

Европскиот фронт ниту размислува да остане во опозиција. Не дека имаме комплекси за да останеме во опозиција но факт е дека легитимноста почнува и извира од народот. Доколку народот ти го дава гласот тогаш треба да ги претставиш во сите државни институции“, вели Скендер Реџепи.

Велите дека не размислувате да одите во опозиција, но ВРЕДИ преговара со ДПМНЕ за формирање на нова Влада?!

Тоа е мала работа. Демократијата има други механизми со кои се докажува легитимноста добиена од граѓаните. Не потпаѓаме како ВРЕДИ која ги казнува граѓаните а очекува да и служи ВМРО.

Велите дека ќе го спречите формирањето на Владата?

Има демократски механизми со кои може да се спречи!

Кој е првиот механизам?

Има многу механизми кои можат да се преземат. . .

Протести?

Има многу.

Зејди додаде дека за ова повеќе треба да размислува ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие треба да ја сносат одговорноста за овој процес бидејќи како што рече, тие ја премолчуваат волјата на гласачите во албанските населени места. Тој исто така најави тужба за членовите на ДИК кои гласаа за поништување на гласањето во 7 избирачки места.