Со благослов од Бигорскиот манастир, коњаницата „Патот на Црешовото топче“ денеска го продолжи својот традиционален марш кон Крушево, во пресрет на големиот национален и православен празник Илинден.
Околу триесет коњаници пристигнаа во манастирот „Свети Јован Крстител“, каде што се помолија и добија благослов за повеќедневното патување до Мечкин Камен. Настанот е дел од долгогодишната традиција за оддавање почит на илинденските херои и потсетување на историското предание дека токму монасите од Бигорскиот манастир изработувале црешови топчиња за потребите на Илинденското востание.
Како што информира архимандрит Кирил, оваа манифестација претставува симбол на благодарност и почит кон борците за слобода, а воедно го чува живо сеќавањето на нивната жртва.
Коњаницата ја пречека и благослови архимандрит Доситеј, кој во своето обраќање истакна дека местата низ кои минува маршот не се само дел од патеката, туку и сведоци на македонската историја, страдањата и борбата за слобода.
„Преку вашиот пример пренесете го аманетот на илинденците на младите генерации – да ја сакаат и почитуваат татковината, да не ја забораваат жртвата на своите предци и да се обединуваат околу заедничките вредности“, порача отец Доситеј.
По благословот, коњаниците тргнаа на пат долг околу 200 километри, кој ќе ги води низ повеќе македонски населени места и планински предели, сè до Крушево. На Мечкин Камен тие ќе им оддадат почит на хероите кои ги положија своите животи за слободата на Македонија.
Во годинашниот марш учествуваат родољуби од Гостивар, Просениково, Ќанаклија, Пиперево, Василево, Радово, Муртино, Сарај, Ново Коњарево и Иловица, обединети со заедничка цел – достоинствено да им се поклонат на илинденските борци и да го продолжат историското сеќавање.
Организаторите посочуваат дека овогодинешниот марш е посветен на македонското единство и испраќа порака дека љубовта кон татковината треба да биде сила што обединува, а не причина за поделби, продолжувајќи го идеалот на илинденците и асномците за слободна, достоинствена и независна држава.
