Коалицијата „Вреди“ после шест месеци од новата Влада ќе се состане за прашањето за уставните измени. Ова го потврди еден од лидерите во коалицијата, Арбен Таравари. Тој во предизборието велеше дека после шест месеци од мандатот, тие ќе го преиспитаат своето учество во Владата, но сега не потенцираше дека од ова прашање зависи нивното останување во владината коалиција.
„Ние сме конзистентни во нашите ставови. Ние ќе седнеме после шест месеци да разговараме, да разгледаме и да се консултираме со сите релевантни фактори за нас и сме во комуникација со сите фактори за една значајна работа за Македонија – што побрзо да ги започне преговорите за членство во Европската Унија, бидејќи тоа е за доброто на сите граѓани што живеат во Македонија.“, порача Арбен Таравари.
Таравари вели дека се конзистентни во ставовите, но неодамна портпаролот на коалицијата, кажа дека шестмесечниот рок е пролонгиран, бидејќи нема стабилна политичка Влада во Бугарија со која може да се разговара за уставните измени.
„Имајќи ја предвид состојбата во Република Бугарија сметам дека има простор тука, во координација со меѓународниот фактор, да се пролонгира рокот.“, вели Фари Хисени.
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека е скептичен во однос на репреговарањето со Софија на условите за внесот на Бугарите во Уставот.
„Она што беше постигнато на крајот беше компромис, не беше совршен, но беше најдобриот што можеше да се постигне во тоа време. Јас сум доста скептичен околу можноста да се отиде подлабоко од она што веќе беше договорено. Секако, и останува на Владата да проба и е важно да се ангажираат со Бугарија за ова, кога ќе биде вистинското време. Но, ќе повторам, врз основа на моето искуство и она што произлезе на крајот, скептичен сум за можностите“, вели Дејвид Гир.
Властите во земјава чекаат стабилна политичка Влада во Софија со која би можеле да разговараат за идејата за одложена примена на уставните измени, односно тие да се изгласаат сега, а да почнат да важат при зачленувањето на Македонија во ЕУ. Во Бугарија функционира техничка Влада, а земјата на нови избори оди кон крајот на октомври.
