Електроенергетското поврзување меѓу Македонија и Албанија добива втора шанса. Поставен е камен темелникот на 400 киловолтниот далекувод Битола–Елбасан. Токму со овој проект започнат од 2014 година започна и емисијата Бизнис 21- Истражувањето каде завршија 50 милиони евра за нашето енергетско поврзување со Албанија. Истражувањето од ноември 2024 година од терен откри дека заглавен е едниот дел од проектот – далекуводот Битола 2 –Елбасан кој требаше да го изгради компанијата Енергоинвест од Сараево. Следуваше раскинување на договорот и избор на нов изведувач.
Премиерот Мицкоски кажа дека овој проект бил еден од најкомплексните со кои што се соочиле. Тој ја затвора енергетската празнина на Коридор 8 и ја воспоставуваме последната енергетска врска којашто недостасува со нашите соседи-рече Мицкоски.
„Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Ние не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност“, рече Христијан Мицкоски.
За директорот на МЕПСО, Љатифи со реализацијата на овој проект Македонија и Албанија добиваат нова, силна и стратешка електроенергетска врска која ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето.
„За 4 години проектот не бил реализиран ниту 4 посто. Следствено ги идентификувавме слабите точки, ги елиминиравме административните бариери и за кратко време го претворивме овој проект од проект на хартија во проект на терен“, вели Бурим Љатифи.
Овој проект е јасен доказ дека регионалната соработка функционира, потенцираше албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Каракачи. Според него потребна е заедничка соработка и за други значајни проекти во патната и железничката инфраструктура за да напредуваме со што побрзо темпо.
„Вреднувајќи го максимално овој проект интензивно инвестиравме во делот на линијата кој поминува низ Албанија, со гордост, но без намера за споредба, можам да истакнам дека достигнавме околу 80 посто од градежните работи“, вели Енеа Каракачи.
Далекуводот ќе го гради Конзорциум предводен од хрватскиот производител на опрема за пренос на електрична енергија „Далековод“. Потпишан е договор со МЕПСО вреден 19,7 милиони евра. Рокот на изведба е до средината на 2028 година.
