Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека бил сериозен кога изјави дека е бесмислено тој да биде претседател на Србија, а владата да ја сочинуваат луѓе од опозицијата и најави дека доколку победи опозицијата на изборите ќе го признае резултатот и ќе распише претседателски избори, јави дописникот на МИА од Белград.
-Доколку опозицијата победи на изборите во Србија и Белград, ќе честитаме истата вечер и истата вечер ќе го најавам моментот, во јануари, февруари или март, кога ќе поднесам оставка за да имаме доволно време да имаме претседателски избори во мај или септември или кога и да сака опозицијата, изјави претседателот на Србија и член на СНС, Александар Вучиќ на ТВ Пинк.
Јас ќе ги сносам последиците од поразот на изборната листа „Србија не смее да запре“ на СНС, кажа тој и додаде дека е бесмислено да биде претседател кој ќе глуми, не знаејќи што да глуми, ако таа влада е составена од Ѓилас, Лазовиќ, Тепиќ, Милош Јовановиќ, Бошко Обрадовиќ и така натаму. Што тогаш очекувате од мене, изјави Вучиќ.
Како што рече, тогаш би било јасно дека тие (опозицијата) ја добиле довербата од народот, дека народот ги сакал нив и дека тој нема да има проблем со тоа.
-Би се извинил на народот и би рекол, очигледно е дека не сте задоволни од резултатите што ги направивме, и тоа е фер. Велат дека сакаат техничка влада, но нема да се занимаваат со сериозни прашања. Па еве, повелете, ќе имате нови претседателски избори, рече Вучиќ.
