Вучиќ и Рама во Скопје на Економски форум за регионална соработка – утре ќе биде објавено и името на иницијативата досега позната како „Мал Шенген“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во организација на Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во координација со кабинетите на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот, во Скопје ќе се одржи Економски форум за регионална соработка кој е од исклучително значење.

На овој значаен настан ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија, од повеќе други земји од регионот, како и претставници од меѓународните институции кои пројавија голем интерес да бидат дел од овој Форум.

На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“.

Програмата на Форумот опфаќа обраќања на лидерите на трите земји организатори на настанот, кои потоа ќе учествуваат на економскиот панел на кој за новата иницијатива и за непосредните придобивки од неа ќе разменат мислења претставниците на деловните заедници од Албанија, Србија и Северна Македонија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ посочи дека во Скопје ќе бидат потпишани три договори, од кој едниот се однесува на побрзиот проток на стоки и услуги помеѓу трите земји, другиот за заедничка акција по прашањето на природни непогоди и катастрофи, и третата создавање единствен пазар на труд, што подразбира укинување на работните дозволи.

Ова, според Вучиќ, значи дека тој што работи во Белград, може да работи и во Скопје и во Тирана, и обратно.

„Тоа е ужасно важно. Сакам да верувам дека потоа ќе продолжиме со сите придобивки, за кои подетално ќе разговараме утре”, порача Вучиќ.