Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека ја „издигнал“ државата и дека „не му паѓа на памет“ да бега од, како што рече „ѓубрињата што ограбија и приватизираа сè во Србија“.
Запрашан за мислењата на претставниците на опозицијата дека едно решение за смирување на протестите и блокадите во Србија е да ја напушти земјата како сирискиот претседател Башар ал Асад, Вучиќ рече дека не се плаши од „најлошите крадци и криминалци.
„Има моменти во историјата кога поради разни настани на површина излегува најлошиот талог, тињата. Доаѓа момент кога мислат дека е време да се биде на површината. Никогаш нема да бегам од оние што ја уништија оваа земја“, им рече Вучиќ на новинарите во Брисел, каде што ќе присуствува на Самитот на Европската народна партија за Западен Балкан.
Тој оцени дека Србија денес е „најсилна и најразвиена“ во својата историја.
„Кога биле повисоки платите и пензиите? Никогаш. Кога имало повеќе изградба? Никогаш. Не ме интересира тој остаток, ме интересира оние кои добиле многу од државата, а се плашеле од сопствената сенка и немаат одговорност“, рече Вучиќ.
Вучиќ денеска имаше средба и со македонскиот премиер Христијан Мицкоски на маргините на Самитот на Европската народна партија.