Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека парламентарните избори во Србија ќе се одржат на 18 или 25 октомври, додавајќи дека многумина постепено сфаќаат дека изборните резултати нема да бидат такви какви што си ги замислувале.
„Парламентарните избори во Србија ќе се одржат или на 18 или на 25 октомври… бидејќи гледам дека некои не знаат да пресметаат“, рече тој.
На прашањето дали Србија постепено влегува во референдумска атмосфера, Вучиќ одговори дека како претседател на државата не сака да ја злоупотребува функцијата за да зборува за партиски прашања.
„Како што се приближуваат изборите, многумина разбираат дека резултатите нема да бидат такви какви што се убедувале самите себе дека ќе бидат“, рече Вучиќ.
Вучиќ за државјанствата
Осврнувајќи се на тврдењата на претседателот на Движењето за децентрализација на Србија (PODES), Драган Милиќ, за големиот број нови државјанства, Вучиќ рече дека во периодот од 2000 до 2012 година биле евидентирани 713.000 државјанства.
„Во повеќе години ние запишавме трипати помалку, односно 292.000, и мора да имате предвид дека од овде гласаат само 80.000 луѓе. Тоа е минимален број, а и сето тоа е според законот што го донеле некои пред нас за начинот на кој може да се стекне државјанство“, рече тој.
Вучиќ додаде дека од 2012 до 2024 година Србија осумпати била критикувана затоа што немала изборни паравани.
„Сега кога почнавме да ги исполнуваме препораките на ОДИХР, тие велат: ‘Вие така ќе ги украдете изборите’“, рече Вучиќ, коментирајќи ги критиките за набавката на нови изборни паравани.
Говорејќи за изборната листа на Српската напредна партија (СНС), Вучиќ рече дека знаат оти нема да имаат мнозинство доколку не освојат 126 пратенички мандати.
Вучиќ: Руте е доволно паметен, верувам дека ќе постапи рационално
Вучиќ се осврна и на писмото што го испратил до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во врска со состојбата на српската заедница на Косово и Метохија.
Тој оцени дека писмото било рационално и добронамерно.
„Сега сакаат мостот да го отстранат од дијалогот, бидејќи некои западни членки, таканаречениот Западен сојуз, ги фаќа паника и нервоза затоа што помина целото полнолетство од прогласувањето на независноста, а тие и понатаму имаат проблем со мнозинството земји во светот кои не ја признаваат таа независност“, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека Србија ќе се однесува во согласност со својот Устав и со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Мислам дека беше многу важно, ако сакате, да го зачувам и својот личен интегритет и добриот однос што го имам со Марк Руте. Дури и ништо да не постигнам, барем да го предупредам за положбата на Србите“, рече Вучиќ.
Тој го опиша Руте како многу интелигентен човек и изрази уверување дека генералниот секретар на НАТО ќе постапи рационално.
„Доволно е паметен што, кога сите го тераат да влезе во конфликт со Трамп, тој не влегува во конфликт со Трамп… така што верувам дека рационално ќе постапи и по ова прашање“, рече Вучиќ.
