Речиси секој трет ден каснувања од кучиња скитници во Тетово. Иако во буџетот за 2023 година беа предвидени 3 милиони денари за третирање на кучињата скитници, општината се уште не распишала тендер.
Градоначалникот, Биљал Касами вели дека чека да се најде компанија која ќе се занимава со третирање на кучињата.
„Работиме во правец на буџетските средства и компанија која ќе ги исполнува условите. Знаеме дека во Тетово немаме таква компанија. Во разговори сме со неколку приватни оператори кои работат за создавање на услови за да објавиме тендер, за да може некој да се пријави. Ние можеме утре да објавиме тендер но доколку не се пријави никој значи немаме решение“, вели Биљал Касами.
Според Касами, состојбата во Тетово не е толку алармантна.
„За 2023 година ние имавме третирање, состојбата не е како што беше и тоа ние треба да го констатираме“, вели Биљал Касами.
Но, според податоците на СВР Тетово, од почетокот на оваа година, до денес, 93 граѓани пријавиле дека биле нападнати од кучиња скитници. А во 2022 година имало 62 каснувања за 12 месеци.
Во мај годинава Биљал Касами рече дека во рок од три месеци ќе има стационар, но досега ништо не е направено за ова прашање.
