Бебе како спие во транспортер, а пред него кутија за питање на Камен мост деновиве е сликата која не не остави рамнодушни и решивме да дознаеме повеќе за тоа дали општеството води грижа за децата што питачат. Ова бебе беше оставено само. Нема прецизна бројка, но се проценува дека во Скопје има околу 200 до 250 деца дневно кои питачат, немаат топол дом, немаат лични документи, не се во системот, немаат право на здравствена заштита. Не е мал бројот и на оние што се изнајмуваат неофицијално за цена од 500 до 1000 денари за да питачат. Здружението за заштита на правата на децата во чии рамки функционира и Дневниот центар за згрижување деца на улица во Шуто Оризари повеќе од две децении се бори со оваа појава која постоела, постои и ќе постои и во развиени земји, но целта е да се намали и да не се остават децата сами на себе.
„Ние децата ги имаме евидентирано на улица, на самата крстосница, семафори или на пофрекфентните сообраќајници. Самото дете на почетокот е малку диво. Потешко оди социјализацијата, затоа што единствената слика што ја има детето е родителот. Меѓутоа родителот, па не ги дава оние прави модели за раст и развој на самото дете. Потешко иде не велам не, можеби ќе помине и една година додека детето не ги стекне основните навики“, посочи Ирена Велковска.
Повеќе од 543 деца на возраст од 4 до 17 години добиле неформално образование во овој центар, а некој го продолжиле образованието и се конкурентни на пазарот на трудот.
„Овој дневен центар допринел веќе и мајките да бидат вработени да ја почувствуваат потребата дека и тие треба да бидат во некаков работен однос, а не на улица питачејќида заработуваат. Се прават промени, не само кај децата и семејставата, туку и во заедницата. Децата завршуваат не само основно имаме и со средно образование. Тоа е позитивен пример дете од улица да стане една здрава, позитивна индивидуа“, додаде Ирена Велковска.
Велковска вели дека за состојбата со питачењето не се виновни само родителите, туку дека ова е проблем и на системот, институциите одговорни за ваквите социјални случаи. Владата преку Министерството за труд и социјална политика започна со активности за дизајнирање на значајна и сеопфатна реформа на системот на социјална заштита, со цел создавање на можности за ефикасен одговор и справување со идентификуваните предизвици во делот на социјалната заштита, сиромаштијата и социјалната исклученост.
