За два месеци, животот поскап за две илјадарки – синдикалната кошничка во февруари стигна 67.400 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Животот во февруари е поскап за речиси илјада денари во однос на јануари, а трошоците за едно четиричлено домаќинство за два месеци поскапеле за над 2.000 денари. Синдикалната минимална кошничка за февруари изнесува 67.382 денари-пресмета Сојузот на синдикатите на Македонија. Со изнајмен стан од 60 квадрати пак, вредноста се зголемува на 82.757 денари.

-Секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеци. За 24 месеци, односно околу време колку што одбиваа да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари и затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците во Парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат минималната плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6 000 денари, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

И додека се разгорува битката за повисок минималец, Владата останува на ставот дека таа од март ќе порасне од 25 до 30 евра, согласно законското усогласување. Министерот Дурмиши деновиве на пратенички прашања ја обвини опозицијата дека прави политички маркетинг со минималната плата.

-Врз основа на Евростат податоците, куповната моќ на нашата држава е пред Турција, Црна Гора, Бугарија, Чешка, Естонија, Албанија. Колку е куповната моќ на една минимална плата во земјата и ние сме пред сите овие земји кои што јас ги напоменав, вели Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

-Ние не сме против зголемувањето на минималната плата, тоа треба да се зголеми, но треба да се зголеми врз основа на параметрите, економските параметри, треба да се зголеми кога ќе се зголеми продуктивноста, вели Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

ССМ пак остави простор на Владата и работодавачите до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата на 600 евра. Во спротивно, за март најавуваат протести и Генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.