Се зголемува бројот на новозаразени од Ковид-19 во Тетово. Во моментов хоспитализирани се 41 пациент. Повеќето од нив се во тешка здравствена состојба и со коморбидитети.
Според координаторот на ковид-центарот, Гзим Нуредини, во Тетово има и пораст на бројот на пациентите кои ја загубиле битката со коронавирус.
-Имаме зголемување на бројот на пациенти кои починале. Тоа дојде како последица на тоа што пред 2-3 недели имавме зголемен број на пациенти и на заразени, и на хоспитализирани. Во моментов имаме 41 хоспитализиран пациент, повеќето од нив се во лоша состојба и имаат потреба од кислород-вели Нуредини.
Во Тетово последните две седмици починале 23 лица, а двете недели пред тоа 8 .
-Имаше 23 починати пациенти. Не се сите од нашата болница, но се тетовци, за разлика од претходните две недели кога имавме 8 починати. Тоа е драстично зголемување на смртноста и е последица зголемувањето на бројот, но за жал ги зафати и пациентите со коморбидитет кои за жал се и најзагрозени-изјави Нуредини.
Во Тетово сѐ уште не е пуштена во употреба мобилната болница која почна да се гради на почетокот на годинава. Иако беше изградена за ковид-пациенти, болницата и понатаму е затворена. Сега засега се користи Одделението за заразни болест и дел од Одделението за интерни болести.
