За еден документ се чека и до 12 дена, граѓаните револтирани: „Во Хрватска закажуваме онлајн и нема гужви“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државјанка е на Република Северна Македонија, а омажена за државјанин на Хрватска. Дошла денеска во Скопје за подигање документ, но чекаат со часови.

Вели дека во Хрватска термин се закажува онлајн и нема чекање како овде.

Таа и десетици други граѓани го имаат истиот проблем, па се создаваат и гужви.

Ознаките за држење растојание се тука, но сите се собираат кај вратата.

Сите се револтирани. Некои бидејќи чекаат со денови за вадење документ, други бидејќи многу услуги се вршат на еден шалтер.

„Треба да се реши проблемот со оваа гужва. Вака не оди. Порано Службата за матични книги работеше во Македонска телевизија и во Беко. Сега никаде. Треба да се направи распоред“

Од службите како причина за ова одолговлекување го наведуваат немањето електрична енергија бидејќи овој шалтер се наоѓа во објектот на Државниот инспекторат за животна средина кој беше зафатен од пожарот на 9 септември.

Ветуваат дека од денеска веќе нема да има доцнење.

„Инсталирана е електрична енергија од ЕВН и од денеска и официјално од 10 часот нашата канцеларија почна со работа и нормално функционирање со сите активности.“, вели Фатмире Абази, портпарол на служба за матични книги.

ТВ21: Значи ќе нема веќе чекање?

„Нема да има веќе пречки.“, вели Абази.

Шалтерот е под надлежност на  Министерството за информатичко општество и администрација, но шалтери имаат и Службата за матични книги и МВР. Во овој објект работат и неколку други државни институции и тоа создава уште повеќе гужва на влезот на овој објект кој се користи и за излез.