И граѓаните и политичарите поделени по идејата на премиерот Заев за декриминализација и легализација на марихуаната. Додека едни се децидни дека идејата е лоша и не оди во заштита на семејните вредности, други велат дека истата треба добро да се анализира и оти првенствено треба да се консултираат експерти и професионални институции.
„Наше мислење е дека е штетна и дека не треба да се легализира. Родителите патат, умираат млади… Он тоа не го гледа, го гледа својот интерес – Заев…“
„Не, мое мислење“
„Легализација е голем поим, зависи на што мислите да се легализира. Ако во случајот како што зборуваше премиерот значи да се пуши во кафеани тоа ќе предизвика и многу други подзаконски акти. Не е само да се дозволи, од кај ќе ја набавуваат кој ќе им ја дава , дали во кафеаните ќе им се дава, дали сам можеш да ја произведуваш? Легализација значи можеш и дома сам во саксија да си имаш и да си ја користиш. Не се доречени , вака е многу избрзано. Има и стручни луѓе кои знаат што значи марихуана.“.
И лидерот на ДУИ Али Ахмети во Клик Плус на ТВ 21 потенцира дека за ова прашање ќе треба да се консултираат професионални институции и стручни комисии кои ќе дадат проценка. Ова е прашање што треба да се погледне во пишана форма и со анализа, без тоа јас не можам да се произнесам, рече Ахмети во емисијата Клик Плус на ТВ 21 .
„Не, доколку дојде во Влада треба да се видат причините. Ако причините се неодржливи тогаш…Без да видам таков документ не можам да кажам да или не“, вели Ахмети.
Од опозиционата ВМРО ДПМНЕ сметаат дека оваа тема премиерот ја користи за да ја дефокусира јавноста од две главни теми: секојдневните жртви од Ковид и ветото од Бугарија.
„Да го видиме прво предлог решението па потоа ќе се произнесеме по него во наредниот период. Но очигледно е дека станува збор за бизнис интерес со оглед на тоа дека семејството Заеви длабоко е навлезено во бизнисот со производство на марихуана“, вели Никола Мицевски.
Инаку како што пред некој ден образложи премиерот Заев, идејата е легализација на марихуаната за рекреативни цели со почитување на одредени стандарди . Ќе бидат опфатени туристичките места и градот Скопје а стандардите ќе бидат исти за сите и секој ќе може да аплицира. Со реализирање на идејата, Заев како што и самиот објасни, гледа можност за стимулирање на економијата посебно во делот на туризмот и угостителството. Ваквата најава беше причина и медиумите од соседството да не наречат нов Амстердам на Балканот.
