Измените во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со кои ќе се овозможи изградба на дата-центри во Северна Македонија, се во завршна фаза, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
Тој истакна дека овие измени имаат за цел привлекување нови инвестиции, отворање работни места и зголемување на БДП, следејќи ги светските трендови во развојот на вештачката интелигенција, каде што дата-центрите се неопходна инфраструктура.
Според него, државата треба да води паметна политика за привлекување инвеститори во овој сектор, поради што се потребни законски измени што ќе го уредат нивното градење и урбанистичко планирање.
„Планираме ова да се прави централизиранo и целиот процес да биде воден во рамки на Владата, со цел кога ќе дојдат потенцијалните инвеститори, веќе да има подготвени локации и проекти во кои ќе можат да инвестираат. Тоа ќе значи стотици милиони евра за Македонија, нови работни места и раст на БДП. Затоа правиме измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, кои се во финална фаза, со кои овозможуваме изградба на дата-центри во Македонија“, изјави Александар Николоски – заменик-премиер и министер за транспорт.
